Цркви
Мени
Интересно

Дали сте знаеле дека ...

Milan Djurcinov

...Познатиот есеист, критичар, книжевен историчар и теоретичар, Милан Ѓурчинов потекнува од Јабланица. Роден е во Белград на 28 јуни 1928 година. Завршил Филолошки факултет во Белград. Доктор по филолошки науки. Бил професор на Филолошкиот факултет во Скопје, шеф на катедрата за славистика и раководител на катедрата за компаративна книжевност, член на редакцијата на списанието „Разгледи“, претседател на Советот на Струшките Вечери на Поезијата, член на Македонската академија на науките и уметностите од 1988 година. член на Друштвото на Писатели на Македонија од 1956 година, а во еден период и негов претседател.

Автор е на книгите: Време и израз (1956), Присутности (1963), Македонски писатели (1969), Живо и мртво (1974), Критички сведоштва (1976), Достоевски (1981), Современа македонска книжевност(1984), Проникнувања (1986), Пастернак (1987), Марксизам творештво вредности (1988), Пред прагот на иднината (1991), Заговорници на човечноста (1992), Нова македонска книжевност (1996), Сребрени соништа - Ацо Караманов (1997), Компаративни студии (1998), Освојување на реалноста (2000).

Составувач на антологии на македонската проза и поезија на италијански, француски, српски, турски и др. јазици. Добитник на наградите: „11 Октомври“, „Димитар Митрев“, „Златен прстен“.,


Aleksandar Djurcinov

Кога сме веќе кај Ѓурчинови, неговиот брат Александар кој што е филмски режисер и сценарист во 1977 година го сними култниот македонски филм: Исправи се Делфина за којшто ја добива Бронзената арена за режија на Филмскиот фестивал во Пула, Третата награда за сценарио на фестивалот во Врњачка Бања, потоа Наградата ЦИДАЛЦ (1978), Наградата за најдобар дебитант од весникот „Зум репортер“ (1977) во Пула и други.

Цркви во село Јабланица


Јабланица е позната како село кое што од памтивек па до денес негувало необичен култ кон црквите и светите места. Со посебно внимание и почит се пристапувало кон градењето, одржувањето и чувањето на црквите во селото. Нивната лоцираност во селото е многу интересна, тие се наоѓаат на најмаркантните точки во селото, како да се поврзани со некакви невидливи енергетски меридијани.

Црква Св. Илија - Јабланица


Св. Илија е соборна црква, изградена е на едно возвишение чии падини од трите страни стрмно се спуштаат надолу во еден длабок дол, додека од западната страна се поврзуваат со селскиот пат. Благодарејќи на ваквата поставеност црквата е видлива од сите страни, а нејзината монументалност и покрај тоа што не е многу голема е засилена со слободното пространство без високи дрвја што би ја криеле градбата.

црква Св. Илија во село Јабланица

Црквата е еднокорабна градба изградена од делкани камења и претставува своевидно ремек дело на јабланичките мајстори-каменорезци. Според еден натпис што се наоѓа во црквата таа е изградена во 1886 година со доброволна помош на печалбарите.

фреска во црквата Св. Илија во село Јабланица

Внатрешноста на црквата е доста скромна со скромен фрескоживопис насликан во поново време и иконостас со плитка резба.

Во кругот на црквата се наоѓаат неколку гробови на свештеници меѓу кои и на војводата Цветан Ѓероски.

Црквата е посветена на пророкот Св. Илија кој е заштитникот на селото.

Во црквата се изведува богослужба за поголемите црковни празници: Бадник, Божик, Велики Петок, Велигден, Дуовден и Илинден (имињата на празниците се пренесени изворно). Исто така во црквата се изведуваат светите тајни крштевање и венчање.

 

Црква Св. Богородица - Јабланица


Црквата Св. Богородица се смета за најстаро светилиште во селото Јабланица, за ова во еден документ стои забележано дека камен темелникот бил положен во летото 1445. Црквата е обновена во 1962 година на темелите на постара градба.

За разлика од црквата Св. Илија оваа црква е скриена помеѓу високите столетни дабови дрвја. По својата местоположба се наоѓа во маалото Топлец.

Некогаш на овој простор постоеле три цркви во склоп на Топлечкиот манастир.

Црква Пресвета Богородица во село Јабланица

И во оваа црква може да се забележи скромната внатрешна украсеност со фрески и иконостас, но тоа што е многу битно да се напомене е дека во 2009 година од црквата беа украдени колекција на вредни икони од познати иконописци помеѓу кои се наоѓаше и икона на познатиот Дичо Зограф.

Црквата е посветена на празникот Воведение на Пресвета Богородица - Пречиста.

Таму се наоѓаат гробиштата на поголемиот број на семејства од селото Јабланица.

Црквата се посетува и во неа се изведува богослужба за време на поголемите празници: Вториот ден на Божик, Водици, Вториот ден на Велигден, Св. Сава Стратилат (вториот ден на Ѓурѓовден) Дуовден, Св Богородица, Пречиста.(имињата на празниците се пренесени изворно)

 

Црква Св. Мина (Мартинија) - Јабланица


Св. Мина (Мартинија), оваа црква се наоѓа на едно возвишение во Дејкоска Маала.

Според некои најнови но сеуште непотврдени сознанија се смета дека денешната градба е подигната на темелите на претходна , чие што постоење временски се лоцира порано отколку црквата Св. Богородица во Топлец.

Црква Св. Мино Виктор и Викентије во село Јабланица

И во оваа црква фреско живописот е доста скромен и насликан во најново време, иконостасот е без некоја посебна уметничка вредност, но исто така треба да се напомене дека и од оваа црква беа украдени неколку вредни икони.

Украдените икони исто како и во црквата Св. Богородица се заменети со веродостојни реплики, меѓутоа тоа не може во никој случај да ја надоплони штетата што е направена врз овие духовни храмови во село Јабланица.

Во кругот на црквата се наоѓаат гробишта на поголемиот број на семејства на Дејкоска Маала и на некоку од Горна Маала.

Црквата е посветена е на светите великомаченици Мино, Виктор и Викентије.

Богослужба се врши за време на поголемите верски празници третиот ден на Божик, третиот ден на Велигден, Дуовден, Св.вмч. Мино, Виктор и Викентије(Мартиден), Св.Преподобен Симеон Столпник (св. Симанија), Тодорова Сабота (Тодоројца) (имињата на празниците се пренесени изворно).

 

Манастир Св. Илија (горен) - Јабланица


Манатирска црква Св. Илија во сео Јабланица

Манастирската црква Св. Илија (горен) е изградена во поново време. Сместена е високо во планината на околу 1450 м.н.в.

По својата градба и изглед е скромна, но има култно значење не само за жителите на селото Јабланица туку и за жителите на другите Долно-дримколски села.

Според некои кажувања црквата е постара од соборната црква меѓутоа заради проблемите што се јавувале во време на Османлиското владеење, морала да биде изгради високо во планината.

Помеѓу населението сеуште живеат легендите и преданијата за чудотворната енергија со која зрачи овој простор.

Црквта е посветена на пророкот Св. Илија. Се посетува три пати во годината на третиот ден Дуовден, Илинден и Празникот Крстова Недела (неделата после Крстовден 27.Септември), чие што одбележување временски се одвива кон крајот на месецот Септември или почетокот на месецот Oктомври. Тогаш во црквата се организира масовен црковен собир на кој присуствуваат и по неколку илјади посетители од околните села и градови.

Гостите се послужуваат со традиционалниот ручек од варена зелка и говедско месо.

Пристапот до манастирот Св. Илија во последниве неколку години значително олеснат со пробивањето на патот, а во завршна фаза е и изградбата на електричната мрежа.

 

Црквичка Св. Петка - Јабланица


црквичка Св. Петка во село ЈабланицаЦрквичката Св. Петка посветена на Преподобна Параскева, е малечка црква изградена во поново време, во центарот на селото, помеѓу локалното население познат како Збориште. И, таа како и останатите цркви се наоѓа на едно возвишение обраснато со стари дабови дрвја.

На празникот Св. Преподобна Параскева (Петковден) 27 октомври е црковната слава, но исто така се посетува и на третиот ден на Дуовден, Св.мч. Сава Страилат (втор ден на Ѓурѓовден) и Водици.

 

Црквичка Св. Никола - Јабланица


црквичка Св. Никола во село ЈабланицаЦрквичката Св. Никола се наоѓа на најмаркантната точка во малото Топлец на еден рид затскриен зад столетните дабови дрва.

Тоа е мала скромна црквичка изградена од камен во поново време, посветена е на Св. Маченик Талалеј, неговара храмова слава е на 2. јуни (летен Св. Никола) а се посетува и на третиот ден на Духови (Дуовден), Св.мч. Сава Страилат (вториот ден на Ѓурѓовден) и Водици.

 

Црквичка Св. Петка (Топлец) - Јабланица


црквичка Св. Петка во Топлец, село ЈабланицаКога се доаѓа од Струга кон Јабланица веднаш зад Топлечки мост, исто така во маалото Толец, на едно возвишение со многу стари стебла се наоѓа уште една мала црквичка Св. Петка, посветена на светата преподобна маченичка Параскева Римјанка.

Храмовата слава е на 8 август празник посветен на светицата, но исто така се посетува и на (Дуовден), Св.мч. Сава Страилат (вториот ден на Ѓурѓовден).

 

Црквичка Св. Недела - Јабланица


црквичка Св. недела во село ЈабланицаВисоко над селото по патот што води кон манастирската црква Св. Илија се наоѓа малата црквичка црквичка Св. Недела.

Изградена е во поново време. Таа е посветена на Св. великомаченичката Недела, нејзина храмова слава е на 20 јули, празникот посветен на светицата, а се посетува и на третиот ден на Дуовден.

Недалеку од црквичката помеѓу столетните дабови стебла се наоѓа извор со света вода.

 

Црквичка Св. Среда - Јабланица


црквичка Св. Преполовение во село ЈабланицаВо малоото Бојко, на стариот пат кон селото Лакајца се наоѓа малата црквичка посветена на празникот Преполовение на педесетницата или помеѓу народот познат како Руса Среда.

Во склоп на црквичката се наоѓа извор за кој што помеѓу локалносто население постои убедување дека има лековити својства.

Црквичката е изградена по сон на претходниот свештеник прота Петре Петроски

Храмова Слава е празникот Преполовение кој нема точно утврден датум и се менува секоја година во зависност од празникот Велигден.

Црквичката исто така се посетува на Св.мч. Сава Страилат (вториот ден на Ѓурѓовден) и третиот ден на Дуовден.