Мени
Интересно

Дали сте знаеле дека ...

izvor

Планината Јабланица, почнувајќи од Ќафасан, па се до Дебарско каде што завршува е многу богата со вода, но локалната разместеност на изворите со вода не е еднаква во сите населени места. Јабланица е едно од местата кое што располага со многу вода. Од страна на локалното население во атарот на селото се евидентирани повеќе од 500 помали или поголеми извори со чиста планинска вода

Местоположба


     На околу 25 километри северозападно од Струга, на 1100 м.н.в., распослано на една поголема падина, во подножјето на високите врвови Стрижак и Радуч се наоѓа селото Јабланица.

mapa

Селото е од разбиен тип, составено е од неколку маала кои што заради оддалеченоста помеѓу себе оддаваат впечаток на засебни селца.

     Јабланица има необично интересна конфигурација. Иако на прв поглед изгледа хаотично, доколку се погледне од повисоките делови нејзиниот распоред е јасен, хармоничен со точно утврдени делови за стамбени комплекси, јасно испланирани обработливи површини за ниви и ливади, прегледен патен систем и речиси совршен систем за наводнување.

Живописната слика на селото е надополнета со бујни шуми многубројни потоци и помали рекички.

     Во Јабланица се е свртено кон сонцето. Куќите, нивите, ливадите, како да се поставени терасовидно гледајќи на јужната страна. Ако се гледа од долните делови на селото се добива впечаток дека одделни куќи се губат помеѓу високите дрвја и многубројните долови, но зачудувачки е тоа што од секоја куќа се шири прекрасен поглед и голем отворен простор.

     Селото има седум маали: Дејкоска, Горна, Шајноа, Гроф, Топлец, Бојкоо и Ломница.

gorna_maala

Поглед на Горна Маала

Според локалната традиција најстарата мала во селото е Дејкоска, а најголема е Горна Маала од која што се претпоставува дека настанале другите маали. Имињата на маалите се добиени или по локалните топоними или по имињата на членовите на одредени родови што први се населиле на тој простор.

     Границите на селото Јабланица со другите населби се многу стари и утврдени многу одамна.

Принципот на утврдување на границите била насоката на водотеците, доколку тие се движеле во правец на селото, имотите што се наоѓале на тоа подрачје припаѓале на селото. Доколку не постоеле потоци и реки тогаш се утврдувало спрема водата од дождот. Како граница помеѓу селата се поставувале дрвени или камени крстови кои ги поставувале најстарите членови на селото задожени за разграничувањето.