Јабланичка Носија
Мени
Интересно

Дали сте знаеле дека ...

Petko Domazetoski

...Петко Домазетовски роден 1935 година во Јабланица. Завршил Филилошки факултет во Сkопје. Работеше како наставник по македонски јазик и литература во ЦОУ Гоце Делчев во Јабланица, во еден период работеше како радио-новинар, а голем дел од животот го посвети на ДНУ "Браќа Миладиновци" од Струга. Мошне успешно пишуваше поезија за деца, беше коавтор на повеќе читанки, а во научната јавност е познат како неуморен собирач на народниот фолклор. Се јавува и како приредувач и коавтор на неколку монографии и трудови од областа на фолклористиката.

Автор е на книгите: Каде спие ветерот (поезија, 1966), Смирено небо (поезија, 1969), Читанка за 5-6 курс за основно образование на возрасните (1978), Сонцето е чудно (поезија, 1972), Поздрав на пролетта (раскази, 1972), Партизански раскази (избор, 1979), Планински шепоти (поезија, 1981), Патор, патор, ножиња (избор од народна поезија, 1983), Игри немирни (поезија, 1985), Радосни трепети (поезија, 1990), Брези и залези (поезија, 1995), Како се буди денот (поезија, 1995), Македонско народно литературно богатство (прирачник за ученици од основните училишта, коавтор), Сонот на детето (поетска читанка, коавтор, 1996), Читанка за ИВ одделение (коавтор, 1999), Српски извори за историјата на македонскиот народ (1892-1899), заедно со д-р Глигор Тодоровски, 1999), Ѕунат трепетликите (поезија, 1999), Галоп на дождот (поезија, 2000), Чудна шара Буба Мара (поезија, 2000), Народни сказни од Долни Дримкол (2000), Седит моме на сребрено столче (народна поезија, 2000), Подвиквет ми капидан од горје (народна поезија, 2000), Јабланица, Долни Дримкол - Струшко (монографија, 2000), Нашите зимски празници (коавтор, 2000), Тропнало оро големо (народна поезија, 2000), Македонски народни пословици (коатор, 2000), Нашите пролетни празници (коавтор, 2000), Нашите зимски и пролетни празници (коавтор, 2000), Гора и рамнина (поезија, 2000). Читанка на македонски раскази за деца (коавтор, 2000), Окупацијата на западна Македонија 1941-1944 (документи, заедно со д-р Глигор Тодоровски, 2000).

Во средината на 80-тите години од минатиот век го доби признанието „најдраг учител“ на просторите на Поранешна Југославија.

Популарниот „професор“ трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа во 2003 год.

Јабланичка Носија


народна носија од село Јабланица

     Она со што може Јабланица да биде горда е Јабланичката носија, тоа е ремек дело, врв на креативноста и виртуозноста на жената од Јабланица.

Носијата припаѓа на западно-македонскиот тип на носии со мијачки карактеристики.

Како резултат на сложените културно-историски и етнички процеси низ вековите, низ неа се преплетуваат и некои елементи карактеристични за други подрачја.

Тоа што ја карактеризира носијата е богатата орнаментистика, хармоничноста на линијата, прекрасните геометриски и растителни форми извезени со филигранска прецизност. Таа е слика на еден богат духовен живот проткаен со безброј емоции, пресек на еден живот во затворена средина низ вековите, одраз на сите страдања и болки, радости љубови.

Основниот материјал од кој што е направена носијата е материјал изработен во кругот на семејството, ленени платна и клашни ткаени на домашните разбои. Во подоцнежниот период како дел од богатото украсување се појавуваат и индустриски елементи како што се монистрата, златните и сребрени пари и чапразите.

клашеник-дел од народната носија во село Јабланица

Дел од јабланичката носија - клашеник

Како и кај голем број други носии присутни во Македонја особено во мијачкиот крај основни бои се аловата црвена, темносината или црната и златната боја изразена преку везот со срмен конец.

Носијата е составена од повеќе делови кои што фантастично се вклопуваат во една целина

ризик-дел од народната носија во село Јабланица

Ризик - дел од нанизот

• горни бели клашнени облеки: (клашеник, зобан и кусале)

• бели платнени кошули: (парта и тенка кошула со чикмиња)

• женски појаси: (три строка плетен волнен црн појас)

• скутини, корпа и колчини со кувени

• специфични женски покривала за главата:( корпа со жолт клабудан и црвени волнени рески)

• богат и масивен женски накит (наниз) и многу други специфични форми на украсување и китење: киска од муниста, сребрени тунтурици, ушници побраник со монети а на побраникот крст; се става мангурче со пари и ѓердан со поголеми пари и чапраџиња и препашка.


традиционален вез на носија од село Јабланица
Вез со карактеристичните геометриски и растителни форми

Во денешно време сеуште можат да се сретнат случаи, особено за семејни веселби и верски празници каде што се носи еден вид модифицирана варијанта на Јабланичката носија, но тоа што е најважно е податокот дека скоро и да не постои музеј или ревија на народни носии, како во Македонија така и пошироко на Балканот, каде што Јабланичката носија не предизвикува големо внимание и почит.