Дали сте знаеле дека ...

Најдобрата македонска шахистка на сите времиња, десеткратната шампионка на Македонија и поранешен јуниорски првак во поранешна Југославија Габриела Коскоска има јабланички корени. Таа е редовен учесник на сите големи светски шаховски натпревари.
Кога сме кај шахот, двократниот младински шампион и шампион во сениорска конкуренција на Македонија во шах во 2008 год, актуелниот селектор на женската шаховска репрезентација на Македонија Ристе Менкиноски исто така потекнува од Јабланица.
Изгледа до водата е ...
Допис до Долнодримколски Илинденски средби
22 јули 2024 год.
Почитувани посетители, во последниве неколку денови актуелни се препукувањата помеѓу долнодримколчани околу учеството или неучеството на екипа на Јабланица на традиционалниот турнир во фудбал во Луково во склоп на Долнодримколските Илинденски средби.
Овде во целост ќе го објавиме соопштението на М.З. Јабланица, ист таков примерок во писмена форма е испратен до Организациониот Одбор на турнирот
Заради помасовно споделување линк од оваа страница ќе биде испратен преку социјални мрежи на поединци или групи
Сите оние кои што сакаат да коментираат, ги молиме да го направат тоа овде на плагинот за Фејсбук на страницава, а не беспотребно да ги оптеретуваат личностите или групите кои што го споделиле линкот.
Мојата Јабланица, иако има право нема да ги брише коментарите без разлика на нивната содржина.
Следува текстот на дописот до Организаторите на турнирот
..........................................................................................................
Драги пријатели,
Годинава, по 56 ти пат ќе се организира традиционалниот турнир во фудбал во Луково во склоп на Долнодримколските Илинснски средби. 56 години традиција, настан што ги обединуваше Долнодримколчаните, настан што ги враќаше залутаните дримколски печалбарски пилиња од белосветските беспаќа, настан што со недели претходно создаваше немир во срцата на сите што трчаа по „бубамарата“, настан каде што се родија безброј љубови, каде што протекоа хектолитри пот и се испија хектолитри пиво, настан каде што своите ѕвездени мигови ги доживеаја нашите локални фудбалски „ѕвезди“, настан каде што се создаваа локални митови и легенди, и теми за разговор по коперациите во долгите дримколски зимски ноќи и конечно настан кој што претставуваше арена на еден вистински витешки натпревар помеѓу дримколските момчиња во најважната споредна работа на светот.
Но, ... се тече и се се менува, некои сакаат да кажат дека времињата се менуваат, други ќе речат дека времињата се исти, луѓето се менуваат. Беспредметно е да се полемизира за тоа. Во последниве неколку години, нашиот прекрасен настан од арена за спортска и витешка борба се претвори во поле за лечење на фрустрации на мала група искомклексирани луѓе. Наместо дружењето, радоста од повторните средби со своите роднини , другари и пријатели, сведоци бевме на немили сцени на кавги дури и тепачки што не доликува ниту на најпримитивните племиња. И конечно благодарение на силниот маркетинг на луѓе кои што немаат друга попаметна работа освен да „фејсбучат“ ние Јабланичаните секогаш бевме претставувани во најнегативно светло а, за жал, сведоци сме на фактот дека таа кампања и ден денес продолжуав со несмален интензитет, дрско , безобзирно и безобразно претставувајќи ја Јабланица и јабланичаните како некави си „ БАБАРОГИ “ кои што сакаат да ја уништат долгогодишната традиција.
Јабланица и јабланичаните се исто толку дримколчани колку и другите, низ нашите вени тече истата крв, носиме иста ДНК, го зборуваме истиот дијалект на нашиот прекрасен македонски јазик, ги празнуваме истите празници , ги практикуваме истите обичаи, нашите семејни, врски се испреплетени како корења на многувековно дрво и стигаат далеку во минатото, ние не сме „БАБАРОГИ“ и немаме ниту желба ниту намера да учествуваме во рушењето на една ваква прекрасна традиција.
Искрено, нам ни здодеа улогата на дежурни виновници. Ние нема да дозволиме да се валка нашата чест, честа на нашите претходни генерации, а и тешко се поднесува тежината на товарот на вина што ни е натоварена нам и на идната генерација од група неспособни луѓе само за да ја сокријат својата неспособност, група на луѓе кои во едни не многу дамнешни времиња со сета почит кон тие благородни професии не можеа да бида избрани ниту за полјаци ниту за водари.
Велат за танго и за кавга требало двајца, ние доблесно ќе го прифатиме делот на нашата вина колкав и да е тој, и ќе побараме прошка од нашите дримколчани, но фактот што во континуитет со жестоко темпо се плука отров кон нас, кај нас создава чувство на немир и сомнеж дека ние не сме пожелни на тој настан.
Од тие причини М.З. Јабланица како единствен официјален орган на локално прганизирање, после долги анализи, разговори и размислувања со најголем број од тие што учествуваат како играчи и посетители на настанот одлучи ОВАА ГОДИНА ДА НЕ ИСПРАЌА ФУДБАЛСКА ЕКИПА.
Ве информираме дека секој обид да се „скрпи“ некаква екипа од луѓе кои што легално и легитимно не го делат мислењето на мнозинството на Јабланица, а поттикнати од страна Организациониот Одбор на турнирот ќе го сметаме за атак врз нашето достоинство и дополнително ќе го разгори огнот што тлее со години наназад заканувајќи се да предизвика уште поголеми недоразбирања.
Исто како и во животот се има подеми и падови, почеток и крај. Традициите се создадени од луѓето некои ги надживуваат своите создавачи некои не, традициите се како нежни растенија во суровата природа, колку повеќе љубов и внимание им посветувате толку поубави цветови и плодови даваат. Ние на никој начин не сакаме згаснување на оваа прекрасна традиција и поготвени сме конструктивно, со свои предлози да придонесеме за нејзино продолжување надградување и унапредување. Подготвени сме повторно со сите останати да го вратиме сјајот на овој настан во ова наше долнодримколско сиво секојдневие.
Нашата жал што сме присилени на еден ваков непопуларен чекор е неизмерна, и сега, конечно без главниот виновник, се надеваме и Ви посакуваме една беспрекорно успешна организација на овој прекрасен настан.
Со почит,
Јабланица 22.07.2024
ДОПОЛНА
ПОСЛЕ НАВОДНОТО ЖАЛЕЊЕ И ЛЕЕЊЕ КРОКОДИЛСКИ СОЛЗИ ОД СТРАНА НА ОРГАНИЗАТОРИТЕ НА ТУРНИРОТ, ДЕКА ОФИЦИЈАЛНО НЕ ДОБИЛЕ ПИСМЕН ДОПИС ОД М.З. ЈАБЛАНИЦА
ОВА Е ПОТВРДАТА ЗА ПРИЕМ НА ПРАТКА СО БРОЈ: RC072486304MK