Мени
Интересно

Дали сте знаеле дека ...

Gabriela Koskoska

Најдобрата македонска шахистка на сите времиња, десеткратната шампионка на Македонија и поранешен јуниорски првак во поранешна Југославија Габриела Коскоска има јабланички корени. Таа е редовен учесник на сите големи светски шаховски натпревари.

Кога сме кај шахот, двократниот младински шампион и шампион во сениорска конкуренција на Македонија во шах во 2008 год, актуелниот селектор на женската шаховска репрезентација на Македонија Ристе Менкиноски исто така потекнува од Јабланица.

Изгледа до водата е ...

04 февруари 2013 год.

Изградба на мала хидроценрала на Јабланичка Река

(личен став)


Во последно време, во Јабланица се повеќе се шират гласини околу изградба на мала хидроцентрала на Јабланичка Река.

Централата е целосна приватна инвестција на извесен Кочо Анѓушев, се гради како дел од еден пообемен владин проект за изградба на триесетина мали електрани, а со цел зајакнување на стабилноста на енергетскиот систем со зголемено производство на електрична енергија.

Според обемноста на проектот јасно е дека за неговата изградба ќе биде потребен ангажман на голем број градежни работници, што значи сигурна работа на одредено градежно претпријатие за подолг временски период.

Ако се земе во предвид и фактот дека централата ќе произведува толку неопходна енергија за нашето „забрефтано“ стопанство тогаш сликата изгледа поубаво дури и од предизборно ветување.

Но да ја погледнеме и другата страна на приказната која не изгледа баш толку розово.

Бидејќи целокупниот проект ќе се изведува на приватно земјиште, а знаеме дека во општество какво што сме ние, и во ЕУ каде што претендираме да влеземе приватната сопственост претставува светост, обичниот Јабланичанец се прашува што ќе се случи со неговата земја; дали за тоа ќе добие некаков надоместок, колкава ќе биде цената, дали ќе биде изманипулиран, дали ќе се случи некој „нов вид“ на експропријација или не дај Боже национализација и сл.

Како што наближува времето за почеток на градежните работи така се зголемуваат и посетите на разни емисари и продавачи на сништа кои ветуваат се и сешто и го убедуваат локалносто население за значењето на овој проект и за промените кои што ќе уследат после неговата изградба.

Во тоа можеме да се согласиме. Промени ќе има. Но какви?


1. Според скромните сознанија што ги имаме стекнато со лица кои што претходно учествувале во изградба на вакви или слични проекти, за извршување на ваков градежен „потфат“ ќе биде потребно искористување на повеќетонски градежни машини и илјадници кубни метри разновиден градежен материјал. Се поставува прашањето дали единствениот пат кој што не поврзува со останатиот свет изграден уште во минатиот век може да го издржи овој притисок?

За да се одговори на ова прашање не треба да се биде експерт од градежништво, одговорот е НЕ.

Ако е земе во предвид фактот дека селото Јабланица и воопшто подрачјето на Долни Дримкол, кога се работи за извршување на обврските од страна на државата, а да не зборуваме за инвестирање, одамна се „ничија земја“, тогаш е јасно дека овој пат повторно ќе се изгради во некој следен век.


2. За транспорт на градежниот материјал и негово вградување ќе биде потребна изградба на пристапен пат со широчина од 6-10 метри и канал за цевководот, по целата должина на трасата.

Ако се гледа по течението на реката, од нејзината лева страна постои големо активно свлечиште, почнувајќи од мостот, под куќите на Будиновци и Тримовци, поминувајќи во непосредна близина на црквата Пресвета Богородица и куќите на Бизимовци и Пејчиновци се до месноста Белев Мост. Доколку патот и цевководот се градат на оваа страна постои голема опасност од дестабилизирање на теренот, за последиците не би сакале воопшто ниту да помислиме.

Ако се гради од десната страна, тогаш, исто така заради бројните помали свлечишта постои опасност од уништување на погоре споменатиот пат.


3.Овие мали централи се комплетно автоматизирани и учеството на човечката работна сила е минимално, аналагно на тоа и бројот на вработувања ќе биде сведен на едно до две и тоа во т.н. „тест период“ од 1-2 години.


4.Селото Јабланица нема да почувствува никакво подобрување со снабдувањето на електрична енергија. Обврската околу одржувањето и реновирањето на електричната мрежа во селото е под надлежност на ЕВН. Според економската логика централата нема интерес да биде поврзана директно со мрежа која 30 дена во годината не е во функција.

5.Засекогаш ќе биде уништена Јабланичка Река, еден вистински бисер на природата. И покрај убедувањата на одредени „експерти“ дека ќе биде овозможен биолошки минимум за живот на речната пастрмка, во тоа скоро никој не верува. Илјадници стебла на евла (елешка) ќе бидат уништени пред налетот на тешката механизација. За промените што ќе се случат на микроклимата ќе раскажуваат некои генерации после нас.


Претходно изнесените ставови се лични, произволни претпоставки.


Авторот би бил пресреќен кога барем половина од овие песимистички прогнози не би се оствариле и презема обврска јавно да се извини на сите инволвирани во проектот, во меѓувреме совет до сите Јабланичани кои имаат земјиште на просторот каде што се предвидува изградбата:


„ПОБАРАЈТЕ СИ НАВРЕМЕ ПОТРЕБНА ДОКУМЕНТАЦИЈА ЗА СОПСТВЕНОСТ НА ЗЕМЈАТА И АНГАЖИРАЈТЕ АДВОКАТИ“.


За да нема дилеми авторот на текстов нема ништо против напредокот во едно општество, напротив, се залага за напредок заснован на зачувувањето на природните и културните особености на одреден простор, во секој друг случај одговорот би бил:

NO PASARAN !


СПОДЕЛЕТЕ НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ

Горан Цоклески

web counter